Завршниот турнир од Лигата на шампионите ќе се одржи во белградската Арена од 26 до 28 април, соопшти денеска ФИБА.
Тоа е уште едно големо признание за еден од најкошаркарските градови во Европа кој последната деценија два пати беше домаќин и на Ф4 од Евролигата. Во моментов, Лигата на шампионите е во четвртфиналната фаза, а учесниците на завршниот турнир ќе се знаат кон средината на април.
Групниот дел заврши вчера, а денеска беше извршена ждрепката за четвртфиналето која ја водеше поранешниот генерален секретар на Кошаркарската федерација на Македонија, Дејан Лекиќ, сега во улога на менаџер на Кошаркарската лига на шампиони на ФИБА, а му помагаа селекторот на српската репрезентација Светислав Пешиќ и легендата на српската кошарка Драган Тарлач. Победниците од четвртфиналните пресметки ќе се пласираат на турнирот во Белград.
ДВОЈКИ ЗА ЧЕТВРТФИНАЛЕТО
Телеком Бон – Перистери
Мурсија – Лудвигсбург
Уникаха – Промитеас
Тенерифе – Тофаш


