Македонската кошаркарска репрезентација денеска во Виена ќе го одигра првиот натпревар од вториот претквалификациски циклус за пласман во квалификациите за Евробаскет 2029, а избраниците на Жозе Мариа Берокал нема да бидат сами.
Во австриската престолнина пристигнаа голем број Македонци кои живеат во Австрија, но и навивачи кои специјално допатуваа за да ја бодрат репрезентацијата.
„Фалангата“ се собра во Виена и подготвено го очекува почетокот на натпреварот. Македонските знамиња веќе се веат, а атмосферата пред салата најавува вистинска поддршка за „црвено-жолтите“.
Поддршката од трибините може да биде дополнителен мотив за кошаркарите, особено во моменти кога ќе се крши резултатот. Македонија денеска ќе се обиде да стигне до важна победа против Австрија, а покрај кошаркарите на теренот, свој дел од задачата ќе имаат и навивачите на трибините.


