Како бомба синоќа одекна веста дека фамилијата Бас ја продава франшизата Лос Анџелес Лејкерс за рекордна сума во американскиот професионален спорт, од 10 милијарди долари.
Фамилијата беше сопственик на Лејкерс безмалку половина век, од 1979 година кога ја купи франшизата за тогашни 67,5 милиони долари. Овие 46 години беа исклучително успешни за тимот од Лос Анџелес, тој прерасна во еден од водечките во лигата и во моментов е со само еден шампионски пехар помалку од рекордерот Бостон Селтикс.
Во меѓувреме во Лејкерс играа некои од најголемите ѕвезди во историјата на лигата како Карим Абдул Џабар, Меџик Џонсон, Коби Брајант, Шекил Онил, Леброн Џејмс и сега Лука Дончиќ, од таа 1979 година, освоени се 11 од вкупно 17 шампионски титули, а популарноста на тимот од Лос Анџелес стана огромна во светски рамки. По сите овие успеси, драстично беше зголемена вредноста на франшизата како резултат на што вчера е постигнат договор за продажба од 10 милијарди долари.
Номинално, тоа е 148 пати поголема сума од оние 67,5 милиони кои фамилијата ги платила пред 46 години. Реално, како резултат на инфлацијата и останатите финансиски параметри, тие 67,5 милиони се еднакви на сегашни 299 милиони долари, па Џини Бас и нејзините роднини заработиле 33 пати повеќе пари отколку што нивните претходници, пред се татко ѝ Џери, платиле во 1979 година.
Најинтересно од се е тоа што Џини Бас останува во раководството на Лејкерс, на позицијата гувернер.
Финансиската анализа за зголемената вредност на парите можете да ја погледнете на овој ЛИНК.


