Во МЗТ Скопје има многу причини за задоволство од минатиот викенд бидејќи победи остварија сите екипи на овој клуб.
Синоќешниот триумф на сениорската екипа против Кожув беше само јаготка на шлагот откако претходниот ден победи остварија и младинските тимови. Почнаа најмладите (У12) кои во Тетово ги победија Шарпланински рисови со 63-31 и младинците (У20) со победата на гости кај Вибас со 87-76, за да продолжат кадетите (У16) кои го прегазија Тиквеш со 88-24 и пионерите (У14) кои славеа против Јуниор Баскет со 97-25.

Сениорскиот тим го заокружи фантастичниот викенд за аеродромци со осмата победа во низа, сметајќи ги сите натпреварувања во кои учествува. Денеска на терен излегуваат и јуниорите (У18) на МЗТ Скопје кои во дуелот со Куманово ќе се обидат да ја продолжат победничката серија на клубот.


