Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ на фантастичен начин дебитираше во дресот на Олимпија Милано и е меѓу најзаслужните за пласманот на неговиот нов тим во финалето од Суперкупот на Италија.
Во полуфиналниот меч, актуелниот италијански првак славеше против Венеција со 73-62, а Димтријевиќ заврши како најдобар стрелец, не само во својата екипа, туку воопшто на натпреварот. На теренот помина 24 минути и за тоа време постигна 14 поени (5/8 за два, 1/2 за три, 1/1 од линијата за слободни фрлања) и зад себе го остави Никола Миротиќ кој реализира еден поен помалку.
Меѓу другото, Димитријевиќ постигна и тројка во клучните моменти, кога Венеција се врати во игра по негативата од 22 разлика и се доближи на 5-6 поени. При водство од 63-55, Нено погоди за +11 со што ги урна сите надежи за евентуален пресврт на противникот.
Во утрешното финале, Олимпија Милано ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Виртус и Наполи кој се игра вечерва.


