Кошаркарската федерација на Македонија преку соопштение ги демантира информациите дека котизациите за учества во младинските лиги за идната сезона се зголемени.
Наводно, такви информации пуштиле некои од клубовите со цел да ги зголемат месечните надоместоци за кошаркарите кои тренираат кај нив. Од Федерацијата апелираат до родителите да не наседнуваат на тоа.
„Македонската кошаркарска федерација (КФСМ), како и пред некоја година повторно сака да ја информира и потсети јавноста – особено родителите на младите кошаркари и кошаркарки – во врска со плаќањето на котизациите за учество во младинските лиги.
Со ова соопштение, јасно истакнуваме дека котизацијата за учество во лига е трошок што треба да го сноси клубот, а не играчите или нивните родители.
Во текот на оваа работна недела, зачестено е јавувањето на родители во федерацијата кои бараат информации поврзани со „големите“ котизации за наредната натпреварувачка сезона (2025/2026) кои наводно ги барала федерацијата.
Кошарката треба да биде спорт достапен за сите деца подеднакво – а не привилегија на оние со поголеми финансиски можности. Клубовите се должни да создадат услови во кои секое дете што сака да тренира и напредува ќе има еднаква шанса, без финансиски бариери при селекцијата.
Федерацијата апелира до сите родители кои се чувствуваат злоупотребени или доведени во заблуда од страна на одредени клубови – да пријават вакви случаи. Доколку се утврди дека од родителите се барало да уплатат средства за котизација, клубовите ќе се соочат со соодветни санкции.
Само заедно можеме да изградиме фер и праведен систем во кој секое дете ќе има можност да го живее својот спортски сон“, пишува, меѓу другото, во соопштението од КФМ.


