Тренерот на Фенербахче, Шарунас Јасикевичиус е познат како педантен стручњак кој се грижи за секој детаљ на подготовките, но и за време на самиот натпревар.
Свесен дека публиката ќе игра огромна улога во дуелот меѓу Партизан и актуелниот европски шампион овој петок во 20:30 часот, тој реши да преземе интересна одлука. Кошаркарот на Фенербахче, Бонзи Колсон, откри дека Јасикевичиус им пуштал песни од навивачите на Партизан на играчите за време на тренингот во салата во Истанбул со цел да ги навикне на атмосферата што ги очекува вечерва во Белград.
„Интересно е, за време на тренингот во Истанбул, Шарас пушташе песни од Партизан и навивачки извици од навивачите на звучниците во нашата сала. Ни ги пушташе цело време, дури и кога само шутиравме кон кошот, не ја намалуваше јачината на звукот. Сакаше да се навикнеме на она што нè чека во Арената, особено момците кои никогаш не го доживеале тоа. Генерално, повеќето од нас знаат што нè чека и сме подготвени.
Јас лично сакам да играм во Белград. Многу од момците од нашиот тим најмногу ги сакаат тие натпревари – кога ги слушаат навивачите, кога сè полудува. Но, ние исто така сакаме кога ќе ги замолчиме сите во арената“, вели Колсон.
Партизан го пречекува европскиот шампион во исклучително лоша атмосфера, со четири порази во последните пет кола. Фенербахче полека влегува во ритам и по слабиот старт на сезоната, победи на последните три натпревари.


