Најдобриот играч од минатата сезона во НБА, Жоел Ембид ќе оди операција на повредениот менискус и со тоа најверојатно ќе се прости од оваа сезона во која имаше големи амбиции и на индивидуален и на тимски план.
Хируршкиот зафат ќе биде извршен во текот на оваа недела, а иако не е објавено колку долго Ембид ќе биде надвор од терените, американските медиуми тврдат дека тоа ќе биде подолг период. Со оглед на тоа што сезоната трае уште околу четири месеци, заедно со плејофот, многу веројатно центарот нема да се врати повторно на теренот.
Тоа значи и дека трката за МВП признанието за Ембид е готова и покрај тоа што во моментов е најдобар стрелец во НБА. Според новите правила, за да остане во конкуренција за оваа награда, секој кошаркар мора да одигра најмалку 65 натпревари, а Ембид сигурно нема да стигне до таа бројка. Освен тоа, нема да игра на претстојниот Ол стар натпревар кој ќе се одржи на 18 февруари во Индијанаполис.


