Српската кошаркарска репрезентација попладнево пристигна во Белград откако вчера го освои бронзениот медал на Олимписките игри, а на аеродромот беше пречекана од неколку стотици фанови.

Прв пред нив излезе Никола Јокиќ, но тој воопшто не се задржа, туку веднаш замина и како што можеше подоцна да се забележи, отишол да гледа коњички трки во Сомбор. Пред новинарите не се појави, исто како и за време на Олимписките игри и претходно на подготовките, а тоа ги изнервира претставнниците на седмата сила. Затоа, на порталот на телевизијата Б92 осамна коментар со наслов „Никола, зошто вака?“ во кој Јокиќ е остро нападнат за своето однесување.

„Никола Јокиќ ѝ донесе на Србија бронзен медал од Олимписките игри во Париз, но тоа не значи дека треба да се однесува како џукела. Во ред, Никола Јокиќ не сака да зборува со медиумите. Не мора и не го направи тоа. Ниеднаш на Олимписките игри“, пишуваше во воведот од коментарот.

Подоцна текстот беше изменет и на местото „не треба да се однесува како џукела“, стоеше „не треба да се однесува неприкладно кон навивачите“ за на крајот целосно да биде повлечен од порталот.


