Поранешниот европски шампион Цибона последните години ги доживува најтешките моменти во својата богата историја, а очигледно е дека финансиските проблеми со кои се соочува, предизвикуваат и проблеми во организацијата.
Тоа најдобро може да се забележа во ситуацијата со тренерот Кристофер Томас кој од своето доаѓање е во центарот на вниманието. Цибона очекувано лошо ја почна сезоната, има само една победа во АБА лигата и се наоѓа на претпоследното место на табелата, додека во домашното првенство е на биланс 2/1. На удар се најде тренерот Томас, но целата забуна околу него ја направи клубот или администраторот на социјалните мрежи.

Во текот на вчерашниот ден прв излезе информација дека Томас си оди од клубот поради што Цибона му се заблагодарува на ангажманот, за неколку часа подоцна на истото место да се појави вест дека тренерот заминува во САД поради семејни проблеми. И во изјава за Вечерњи лист, тој вели дека морал итно да отпатува дома за да ги реши проблемите, но не кажува за што точно се работи. Она што се случуваше на социјалните мрежи предизвика потсмев кај европската кошаркарска јавност која се чуди поради она што се случува во Цибона.

Додека е Томас отсутен, екипата повторно ќе ја води поранешниот играч на Работнички, Бариша Красиќ кој е асистент и неколку пати последните години доаѓаше на помош во вакви или слични моменти.


