По повеќе од две децении, кошаркарскиот прволигаш од Кавадарци повторно се вика Тиквеш откако во текот на летото Општина Кавадарци стана сопственик на клубот.

Тиквеш беше на работ на својата егзистенција, но во договор со новите газди на фабриката за производство на никелова руда Еуроникел која доби нови сопственици и го смени името во Голден Игл Никел, продолжено е спонзорството во некогашниот шампион на Македонија и во БИБЛ лигата. Новата сезона во Првата лига почна, Тиквеш беше домаќин на Пелистер, а на трибините – никогаш повеќе публика ако се земат предвид последните 5-6 години.

Натпревароот од првото коло, кој воедно беше и дерби дуел, го проследија над 1.000 гледачи кои му дадоа и голема поддршка на Тиквеш. Битолчани беа подобар противник и заслужено триумфираа, но најголем победник е кавадаречката кошарка која полека се бори за своето место во градот кој последните сезони живее со фудбалот и ракометот.

Од клубот се сигурни дека ова е само почеток, а најдоброто може допрва да се очекува, особено ако екипата почне да бележи добри резултати.


