Актуелниот европски шампион Панатинаикос доживеа дебакл од Анадолу Ефес во Истанбул и го претрпе четвртиот пораз во последните пет натпревари во Евролигата.
Турскиот тим славеше со 93-67 и тоа очигледно многу го изнервира газдата на ПАО, Димитрис Јанакопулос. Непосредно по завршувањето на натпреварот, тој на Инстаграм постави анимација од нацртан автобус што многумина го протолкуваа како најава дека неговите скапи ѕвезди со тоа превозно средство ќе ги врати во Атина. Ако се случи такво нешто, тоа не би било првпат Јанакопулос да се реши на ваков потег бидејќи пред седум години на ист начин ги казни тогашните кошаркари за еден пораз. Некои од нив тогаш изнајмија приватен авион за да не се мачар, но ги оставија на цедило останатите играчи кои со автобус се возеа до Атина и нивниот пат траеше 17 часа.

Сепак, на прес-конференцијата по натпреварот, тренерот Ергин Атаман откако беше прашан за коментар на оваа тема, рече дека утре околу 12 часот имаат лет за Атина и со него ќе се вратат назад.
По денешниот дебакл Панатинаикос се најде на десеттото место на табелата во Евролигата со биланс 8/7.


