Последните месеци, Кармело Ентони преку социјалните мрежи и поткасти ги бранува духовите во Денвер Нагетс, па поради тоа, против него застанаа многу поранешни играчи и тренери.
Иако од Колорадо си замина во 2011 година, а потоа играше за уште четири екипи, Мело постојано коментира дека бил заборавен од Денвер, дека намерно го трејдувале во Њујорк, а капак на се, дека намерно му го дале бројот 15 на Никола Јокиќ иако е познато дека Србинот беше избран како 41. пик на драфтот и никој на почетокот од НБА кариерата од него не очекуваше да стане она што е денес. Еден од оние кои Ентони ги потенцира во своите изјави е тогашниот тренер Џорџ Карл за кого тврди дека е најголем виновник што се преселил во Никс. Карл го искористи вчерашниот роденден на Никола Јокиќ за да му се одмазди на Мело за коментарите.
Happy bday to the champ, the ultimate team guy and the greatest player to wear #15 in Denver hoops history. pic.twitter.com/ki5acesu1q
— George Karl (@CoachKarl22) February 19, 2024
„Среќен роденден на шампионот, тимскиот играч и најдобриот кошаркар на Денвер кој го носел дресот со број 15“, напиша Карл на Твитер.
Капак на се е тоа што го означи Ентони во својата објава со што понижувањето за третиот пик на драфтот во 2003 година беше комплетирано. Интересно е тоа што Карл не му беше тренер на Јокиќ бидејќи од Нагетс си замина во 2013 година, а Србинот дојде две години подоцна.


