Италијанскиот третолигаш Орландина му приреди непријатно роденденско изненадување на својот кошаркар Џорџо Галипо поради што овие два дена е во центарот на кошаркарската јавност во земјата.
Галипо вчера наполни 25 години, но место славје, од клубот го известија дека повеќе не е член на Орландина. Да биде иронијата поголема, во една објава на социјалните мрежи Орландина соопшти дека е прекината соработката со него и му го честиташе роденденот.
„Орландина ја прекина соработката со својот кошаркар Џорџо Галипо. На Џорџо, кој претходните месеци посветено работеше, му го честитаме роденденот и му посакуваме многу успех на личен и професионален план“, пишува во објавата на Орландина.
Интересно е тоа што Галипо е роден во Месина од каде што е Орландина и тој е негов матичен клуб каде во 2015 година ја почна професионалната кариера. Таму настапуваше три години по што играше во неколку италијански клубови пред летово да се врати во Орландина, во надеж дека ќе остане тука долго време.


