Вечерва официјално почна новата сезона во француското кошаркарско првенство, а веќе во првиот натпревар е забележана голема сензација.
За неа се погрижи тимот на Сен Кентин кој на домашен терен го совлада актуелниот шампион Монако со 68-66. Евролигашот играше без тројца исклучително важни кошаркари: Мајк Џејмс, Фуркан Коркмаз и Алфа Диало, но и тоа не може да биде оправдување за поразот од тимот кој лани го освои шестото место по основниот дел и потоа загуби од Асвел во првата рунда од плејофот.
Сен Кентин го презеде водството во втората четвртина, а во финишот од третиот квартал имаше огромни +16 (58-42). Монако успеа да се врати во игра, па дури и да израмни на 66-66 по кошот на Окобо. Сепак, во последниот напад, домашната екипа постигна кош преку Робинсон и дојде до сензационалната победа.
Еден од клучните фактори за победата на Сен Кентин е фантастичниот шут од дистанца бидејќи домаќините погодија неверојатни 14 тројки што значи дека од вкупно 68 поени, 42 реализираа на овој начин.


