Доаѓањето на Еван Фурние предизвика земјотрес во европската кошарка и многумина неговиот договор со Олимпијакос го сметаат за најголема бомба ова лето во Евролигата.
Францускиот репрезентативец играше 12 години во НБА, но во Европа никогаш не настапувал на највисоко ниво, односно во Евролигата. Големото искуство што го носи со себе, а особено резултатите што ги постигна со француската репрезентација чиј лидер беше долго време, го сменија односот на силите во светските обложувалници.
Пред десетина дена, прв фаворит за титулата беше Панатинаикос, но сега таа улога ја има Олимпијакос за кого квотата за триумф во елитното натпреварување изнесуваше 4,25. ПАО е втор со 4,75, а понатаму се Реал со 5, Барселона со 8, Монако и Фенербахче со 8,5 и далеку зад нив Анадолу Ефес со 19, Партизан со 23 и Олимпија Милано со 24. Не треба да се заборави дека Олимпијакос летово се засили и со Александар Везенков и има огромен квалитет во своите редови.
И овој распоред може да доживее промени ако се остварат целите на Реал Мадрид и „кралскиот клуб“ успее да донесе некои од засилувањата кои се најавени, особено Џеди Осман кој последните денови се поврзува со шпанскиот првак.

