Претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, повторно допатува во Македонија, овојпат во Гевгелија, каде од трибините го проследи натпреварот меѓу кадетските репрезентации на Македонија и Украина на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари до 16 години.
Гарбахоса неодамна беше гостин и на Младинската кошаркарска конвенција во Скопје, а сега повторно ја посети нашата земја на покана на раководството на Кошаркарската федерација на Македонија и градоначалникот на Општина Гевгелија. Првиот човек на европската зона на ФИБА имаше можност одблизу да се запознае со организацијата на континенталниот шампионат за кадети, кој годинава се одржува во Скопје и Гевгелија. Токму Гевгелија во овие денови е еден од центрите на европската младинска кошарка.
За време на посетата, Гарбахоса беше пречекан од градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, и претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Томче Главчев. Како знак на гостопримство, на претседателот на ФИБА Европа му беше подарен специјално изработен дрес на Кожув, со што беше одбележана неговата посета на Гевгелија.
Присуството на Гарбахоса на натпреварот Македонија – Украина претставува уште еден показател за вниманието кое ФИБА Европа го посветува на развојот на младинската кошарка, но и за добрата соработка со Кошаркарската федерација на Македонија.
Организацијата на Европското првенство за кошаркари до 16 години во Скопје и Гевгелија е значајна можност за дополнителна промоција на Македонија како земја која има капацитет за организација на големи младински спортски настани. Посетата на Гарбахоса, пак, носи дополнителна тежина и претставува убаво признание за македонската кошарка и за напорите што КФМ ги вложува во развојот на младите категории.


