Викендов на програмата е 17. коло од Првата македонска кошаркарска лига, последно пред Купот на Македонија кој ќе се одржи од четврток до недела и последно пред тринеделната пауза бидејќи наскоро почнуваат и квалификациите на репрезентацијата за Европското првенство во 2025 година.
Колото го отвораат Пелистер и Феникс во необичен термин, денеска од 12 часот во Битола. Тоа е прв од двата меча на овие две екипи во период од пет дена бидејќи тие ќе се сретнат и во четвртфиналето од Купот на Македонија, в четврток навечер.

Дербито на колото се игра утре од 18 часот во Кавадарци каде Еуро Никел ќе го пречека Работнички. Кога веќе МЗТ славеше во „Јасмин“ во средата и веројатно го обезбеди првото место пред плејофот, дуелот меѓу Еуро Никел и Работнички ќе биде директна пресметка за втората позиција иако двете екипи до крајот имаат уште неколку тешки пресметки. Еуро Никел славеше во првиот меѓусебен дуел со Работнички сезонава, но тимот од Градски парк ја има најдолгата победничка серија во моментов во Првата лига која изнесува шест триумфи.
Интересно се очекува да биде и вечерва во Кисела Вода каде Академија ФМП ќе го пречека Вардар во уште еден директен дуел, но за опстанок.


