Македонската репрезентација ја очекуваат два исклучително важни дуели против Литванија, а неизвесен е настапот на двајца битни играчи во националниот тим Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски.
Со Димитријевиќ е малку покомплицирана работата бидејќи на денот кога го играме првиот меч против Литванија, во Скопје, Олимпија Милано игра против Макаби во Евролигата. Поради тоа ракководството на Федерацијата ќе оди на состанок во Италија каде ќе се обиде да издејствува „отсуство“ за нашиот најдобар кошаркар во моментов. Поголеми се шансите во тимот да биде Јакимовски за што, како што откри Антиќ, се заложил лично Генералниот секретар на ФИБА, Андреас Заглис.
„При неодамнешната посета на Заглис, зборувавме за тоа кои се наши најдобри кошаркари, репрезентативци и каде играат. Го спомнавме Андреј, но потенциравме дека не знаеме дали ќе го имаме во комбинација поради обврски во НЦАА и неговиот нов колеџ Колорадо. Заглис веднаш се јави, контактираше со тренерот и менаџментот, не најави и треба да се договориме, но мислам дека постојат шанси да го имаме Јакимовски во тимот“, рече Антиќ.
Во текот на летото, при престојот во Македонија, Јакимовски од своја страна призна дека има голема желба да заигра во квалификациите и изрази надеж дека ќе добие дозвола од својот колеџ и покрај тоа што во тој период има згуснат распоред во НЦАА.


