Светскиот шампион Германија е втор четвртфиналист на Европското првенство откако попладнево го совлада аутсајдерот Португалија со 85-58.
Конечниот резултат имплицира дека фаворит остварил лесна победа, но во реалноста воопшто не беше така. Германија го одигра најлошиот офанзивен натпревар на ова првенств откако досегашниот најслаб ефект беше 91 поен против Финска, три четвртини се мачеше да го скрши отпорот против жилавиот ривал, а тоа го направи во последните десет минути кои ги доби со 33-7.
До пред крајот на третата четвртина, светскиот првак имаше само една погодена тројка од 24 шута, но дури и во тие моменти Германците не престанаа да се обидуваат од дистанца. Од следните 12 обиди, погодија дури девет пати и со ефект 10/36 го завршија натпреварот. По три четвртини игра Германија водеше со само еден поен разлика (52-51) за потоа буквално да го растури противникот.
Франц Фагнер и Денис Шредер со по 16 поени беа најефикасни во германската репрезентација со тоа што двајцата шутираа очајно од дистанца и за тројка заедно имаа 0/11. Ситуацијата делумно ја извади Тристан да Силва кој сите свои 11 поени ги постигна во последната четвртина, погодувајќи притоа 3/3 за тројка. Кошаркарот на Бостон, Немиас Куета беше најдобар во португалската репрезентација со 18 поени и 11 скока.
Во четвртфиналето, Германија ќе има многу потешка работа бидејќи ќе игра со подобриот од пресметката меѓу Италија и Словенија.


