Петти пат во историјата, репрезентација на Германија стигна до полуфинале на едно Европско првенство откако синоќа ја елиминира Словенија во еден од најинтересните натпревари на овој шампионат.
Како светски прваци, Германците важат за најголеми фаворити и покрај тоа што Турција и Грција се максимално сериозни репрезентации, способни да се искачат на највисокото место на пиедесталот. Германија досега има две медали од континенталните натпреварувања, злато од 1993 година и бронза од претходното Европско првенство на кое беше ко-домаќин и завршницата се играше во Берлин.
Ако сега успее да го повтори резултатот од пред 32 години, односно ако ги освои златото, Германија ќе ги обедини светската и европската титула, а тоа во историјата им успеало на само три репрезентации: СССР, Југославија и Шпанија.
СССР го направи тоа во 1967, година во која се играло и Европското и Светското првенство и потоа во 1982 година. Југославија (СФР и СР) дури четири пати во периодот од 1977 и 2002 година ги обединила круните, а на Шпанија ѝ успеа со трофеите во 2019 (светски) и 2022 (европска).
Германската репрезентација на овој шампионат има дури девет од вкупно 12 кошаркари кои пред две години триумфираа на Светското првенство во Манила и тоа е најголемиот адут на оваа селекција.


