Светскиот шампион Германија со нова убедлива победа ја заврши групната фаза на Европското првенство, триумфирајќи против Финска со 91-61.
Ова беше прв натпревар на кој Германците не ја минаа границата од 100 поени, но и покрај тоа покажаа завиден квалитет и сила доволна да атакуваат и на континенталната титула. Финска некако се држеше во првата четвртина, но потоа почна шоуто на противничката репрезентација која одненадеж стана прв фаворит за титулата.
Франц Вагнер овојпат ја предводеше Германија со 23 поени и 7 скока, а Шредер беше блиску до трипл дабл, постигнувајќи 16 поени, 9 асистенции и 7 скока. На спротивната страна тотално беше запрен Лаури Марканен кој реализира само 11 поени со очаен шут од игра, 4/15, вклучувајќи 0/5 за тројка.
Германија се очекува да има лесна задача во осминафиналето бидејќи се среќава со Португалија, додека Финска ќе се сретне со Србија, а двете селекции се наоѓаат на истата страна од костурот што значи дека теоретски е можен нивен нов дуел во полуфиналето.


