Женската јуниорска репрезентација на Македонија го доживеа и вториот пораз на Европското првенство Б-дивизија во Литванија.
Нашите млади кошаркарки загубија со 37-85 од Германија која е еден од главните фаворити за титулата на овој шампионат. Не само што беа подобри во техничкиот дел, туку Германките се далеку над македонската репрезентација и според физичките предиспозиции што јасно можеше да се види на теренот.
Речиси се на овој натпревар беше познато по првото полувреме кое Германија го доби со 43-18. Македонската репрезентација беше рамноправна само во првите седум минути по кои резултатот беше 9-8, потоа следуваше серија од 11-0 по која Германките првпат дојдоа до двоцифрено водство (20-8), а до крајот на полувреме противничките веќе направија недостижна предност. Разликата се зголемуваше и во вториот дел, до највисоките +48, со кои заврши натпреварот.
Ања Начевска беше единствената светла точка во македонската репрезентација, постигнувајќи повеќе половина од поените на нашиот тим (21). Со десет скока комплетираше дабл дабл што е втор нејзин ваков ефект на првенството.
Сепак, мора да се истакне тоа дека нашите кошаркарки имаа дури 37 загубени топки што е недозволиво на едно вакво натпреварување, а и 18 скока помалку (42-60) од противникот. Утре македонската репрезентација го игра мечот од третото коло, против Шведска по што ќе има два слободни дена.


