Сопственикот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос откри дека во минатото сериозно размислувал за инвестиција во кошаркарскиот клуб Партизан и дека дури имало разговори за реализација на таква идеја.
Грчкиот бизнисмен се присети на периодот од крајот на првата деценија од 21 век, кога Партизан минувал низ сериозни финансиски проблеми, а тимот од клупата го предводеше трофејниот тренер Душко Вујошевиќ.
„Колку што се сеќавам, тоа беше во времето на Вујошевиќ. Партизан тогаш беше во големи финансиски проблеми и имаше разговори за бизнис и инвестиција. Тоа беше идеја за која размислував“, изјави Јанакопулос.
Сепак, до реализација на планот не дошло откако тој сфатил дека не би можел да инвестира исклучиво во кошаркарскиот клуб.
„Сфатив дека не можете да го преземете само кошаркарскиот клуб. Треба да ги преземете и пливањето, ватерполо… целото спортско друштво. Тоа е сосема друга работа“, објасни првиот човек на Панатинаикос.
Јанакопулос откри и дека неговата љубов кон Србија била една од причините поради кои воопшто размислувал за ваков чекор. Дополнително, тој направил паралела меѓу навивачите на Партизан и Панатинаикос, особено поради атмосферата на трибините.
„Го сакам Партизан. Нивните навивачи се најблиску до она што го имаме ние во Панатинаикос – до атмосферата и арената. Така што, да, тоа беше идеја“, додава Јанакопулос.
Иако разговорите останале само на ниво на идеја, неговото откритие покажува дека Партизан во еден период можел да добие инвеститор од една од најбогатите кошаркарски средини во Европа.


