Со 13 шампионски титули во последните 15 сезони, МЗТ Скопје се подготвува за новата натпреварувачка кампања која ќе биде поразлична од претходните поради учеството во ФИБА Европа купот.
По повеќе од четврт век, аеродромци се враќаат во натпреварувањата на ФИБА што само по себе носи поголеми обврски. МЗТ почна да го гради ростерот, донесени се три засилувања и продолжени договорите со уште тројца кошаркари, а во следниот период треба да се комплетира тимот што ќе учествува во дури пет натпреварувања. Менаџментот на клубот, на чело со извршниот директор Филип Ѓоревски очекува добра и успешна сезона додека паралелно се работи на финансиска стабилизација на МЗТ Скопје.
„Кога ја презедовме одговорноста, затекнавме исклучително тешка финансиска состојба. Наследивме огромни долгови и навистина се чинеше дека нема крај на проблемите. Но, тоа не нѐ поколеба. Напротив, работевме паралелно – го градевме тимот, освојувавме трофеи и истовремено ја стабилизиравме финансиската состојба.
Сега можам да кажам дека клубот од година во година е финансиски посилен и постабилен. Убеден сум дека не е далеку денот кога целосно ќе ги затвориме сите обврски наследени од минатото и ќе можеме да кажеме дека МЗТ Скопје функционира на здрави основи“, вели, меѓу другото, Ѓоревски во интервју за клупската интернет страница.
Целото интервју можете да го прочитате на овој ЛИНК.


