Со одлична прва фаза од претквалификациите и максимален ефект во неа, македонската репрезентација ќе влезе во вториот сегмент кој стартува во август и ќе трае до февруари.
Групата која денеска ја добивме е онаа која кошаркарите и стручниот штаб најмногу ја посакуваа бидејќи ни носи најголеми шанси за пласман во главните квалификации за Европското првенство. Искусниот Стојан Ѓуроски исто така е задоволен од ждрепката, но повикува на внимателност.
„Од сите четири групи, мислам дека оваа група ни одговараше најмногу. Сите екипи се квалитетни и не можеме да очекуваме лесен натпревар против ниту една од нив. Дури и во првото коло, не очекува најтешкиот натпревар на гостински терен во Австрија, каде што со потенцијална победа би направиле голем чекор кон следната фаза. Ќе мора добро да се подготвиме, да ги анализираме противниците и пред сè да се подготвиме за натпреварот на 30 август. Последните шест победи по ред ни помогнаа да го подигнеме тимскиот дух на завидно ниво и се надевам дека овој тренд ќе продолжи и во следниот циклус“, изјави Ѓуроски за КОШ.МК.
Ако македонската репрезентација биде комплетна во овие претквалификации, ќе има голема шанса да ја исполни првата цел.


