Крилниот играч на МКК Куманово, Стојан Ѓуроски уште еднаш покажа колку е значаен за македонската репрезентација, но и потврди дека станува збор за лидер на овој тим.
Кошаркарот што никогаш не одбил да го облече националниот дрес одигра извонредно и против Луксембург, знаеше да повлече кога беше тешко и има огромна заслуга за остварениот триумф. Сепак, кредитот за победата тој ја припишува на колективот и им честиташе на соиграчите за она што го покажаа на теренот.
„Тежок натпревар за нас, без неколку играчи и со скратен ростер. Мило ми е што покажавме карактер и влеговме максимално во натпреварот, без разлика што тој немаше резултатско значење. Многу е тешко да се победат шест од шест натпревари во едни квалификации, а имавме мошне тешка група иако имињата на ривалите можеби не го доловуваат тоа.
Битно е што некои играчи добија шанса поради отсуството на други поединци и максимално ја искористија таа можност. Со тоа покажаа дека иднината на македонската кошарка е светла, а јас им честитам за нивната пожртвуваност, играта и она што го покажаа на теренот.
Во однос на ривалите за следната претквалификациска фаза, логично е да посакам да го добиеме Кипар, но без разлика на се, се надевам дека ќе бидеме комплетни и дека ќе оствариме добри резултат со кого и да играме“, изјави Ѓуроски.
Нема сомнение дека тој ќе биде лидер на репрезентацијата и во следниот циклус кој ќе почне во август, а ќе трае до февруари.


