Шпанскиот стручњак Жосеп Марија Берокал беше изборот на раководството на Кошаркарската федерација на Македонија за селекторската позиција во сениорската репрезентација.
Претседателот на КФМ, Томица Главчев денеска официјално го претстави наследникот на Марјан Илиевски и посочи што очекува од него и неговиот стручен штаб.
„Денешната прес-конференција за нас претставува важен чекор во градењето на новата енергија и визија на нашата машка сениорска репрезентација.
Денес имаме чест официјално да го претставиме новиот селектор на македонската сениорска репрезентација, господинот Жозеп Марија Берокал, тренер со богато меѓународно искуство, јасна кошаркарска филозофија и препознатлив систем на работа. Убедени сме дека со неговото знаење, професионализам и посветеност ќе донесе нов квалитет и стабилност во националниот тим.
Заедно со него, во стручниот штаб ќе работи и нашиот истакнат тренер Ѓорѓи Кочов, кој како негов асистент ќе биде важна врска помеѓу интернационалното искуство и домашната кошаркарска школа. Веруваме дека оваа комбинација претставува одличен баланс и гаранција за сериозен пристап кон предизвиците што нѐ очекуваат.
Во процесот на координација и стратешко поврзување на сите национални селекции, значајна улога ќе има и директорот – координатор на репрезентациите, легендата на македонската кошарка, Владо Илиевски, чиј авторитет, искуство и посветеност се дополнителна сила во создавањето на стабилен и долгорочен систем.
Како Федерација, остануваме цврсто определени кон професионализација, развој на домашните играчи и враќање на препознатливиот репрезентативен дух. Пред нас се сериозни предизвици, но и можности – и веруваме дека со заедничка работа, поддршка од јавноста и медиумите, можеме повторно да ја позиционираме македонската кошарка на нивото кое го заслужува.
Морам да кажам дека ние немаме магично стапче, ни треба работа и време за да го достигнеме времето од пред 15-тина години кога бевме во кремот на европската кошарка. Верувам дека Берокал и неговите помошници ќе помогнат во целиот процес“, рече првиот човек на КФМ.


