Евролига вчера го објави распоредот за новата сезона од елитното клупско натпреварување, а тоа не е по мерка на репрезентациите.
Иако беше најавено дека „војната“ меѓу Евролига и ФИБА е минато поради што ФИБА скрати еден од „прозорците“, сепак изгледа дека не е баш така и поради тоа ќе страдаат некои национални тимови. Меѓу нив и македонскиот кој по подолго време, претстојната сезона во Евролигата ќе има двајца репрезентативци – Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс. Првиот неодамна стана играч на Олимпија Милано, а вториот со Париз обезбеди пласман во елитата откако триумфираше во Еврокупот минатата сезона.
Македонската репрезентација во ноември ја очекуваат важни натпревари против Литванија во квалификациите за Европското првенство во 2025 година, прво на домашен терен, па на гости. Тој на домашен терен е закажан за 21 ноември и на него извесно е дека селекторот Александар Јончевски нема да може да смета на Димитријевиќ и Шортс. Истиот ден, Олимпија го пречекува Макаби, а следниот, на 22 ноември, Париз гостува кај Анадолу Ефес. Тоа во старт носи огромни проблеми на плејмејкерската позиција бидејќи во минатото Јончевски калкулираше, па кога не играше Димитријевиќ, го повикуваше Шортс, а кога Нено беше достапен, местото за натурализиран играч го пополнуваше центарот Итан Хап.

Натпреварот против Литванија на гости се игра на 24 ноември и засега е неизвесно дали барем еден од двајцата наши репрезентативци ќе може да се стави на располагање на националниот тим. Следното коло во Евролига е на програмата на 28 ноември и многу веројатно некои репрезентации ќе имаат можност да донесат свои евролигашки кошаркари, но прашање е дали нашата Федерација ќе успее да ги договори или наговори Димитријевиќ и Шортс да му се приклучат на националниот тим. Клубовите немаат обврска да ги пуштат, но речиси никогаш не прават проблеми за натпревари кои не се совпаѓаат со евролигашкиот распоред. Димитријевиќ беше одличен во првите две кола од квалификациите, особено против Полска во мечот кој Македонија го доби како гостин, а добро се познати квалитетите на Шортс кој минатите две сезони се промовира во еден од најдобрите плејмејкери во Европа.
Постои желба во ноемврискиот „прозорец“ во тимот да биде Андреј Јакимовски кој летово го смени колеџот, но и тоа ќе треба добро да се изменаџира и од страна на Федерацијата и од страна на на младиот кошаркар.


