Екипата на Црвена Звезда го претрпе првиот пораз во Евролигата во новата сезона откако вечерва на домашен терен загуби од Барселона, во еден од најинтересните натпревари во последно време.
„Каталонците“ славеа во Белград со 98-94, а да биде поболно за домашните фанови се погрижи довчерашниот играч на Партизан, Кевин Пантер кој блесна во клучните моменти и беше најзаслужен за триумфот на неговиот тим. Прво, на 55 секунди пред крајот на продолжението погоди тројка за водство од 96-93, а откако Звезда не искористи два напада за намалување на негативата или за израмнување, токму Пантер стави точка на секунда пред крајот. Со тоа им се одмазди на домашните навивачи кои постојано го навредуваа, исто како во деновите кога играше за Партизан.
Црвена Звезда имаше неколку шанси порано да го затвори прашањето околу победникот. На две минути пред крајот на третата четвртина имаше +9 (65-56), а во финишот водеше со 82-81 и имаше напад, но задоцни со пренесувањето на топката и поседот им беше одземен. Пантер можеше уште тогаш да биде херој на Барса, погоди тројка на девет секунди пред крајот на основниот дел за 84-82, но Јаго до Сантос потоа реализира и се избори за дополнителни пет минути.
Американскиот кошаркар го заврши натпреварот со 26 поени, вклучувајќи четири тројки и индекс 30. Црвена Звезда го имаше Јаго кој постигна 23 поени, но потфрлија некои од клучните играчи како Недовиќ кој постигна само еден поен, Добриќ со два, Кенан и Теодосиќ со по три итн.
И покрај поразот, Звезда останува на лидерската позиција во Евролигата со биланс 3/1, колку што имаат Барселона, Монако, Жалгирис и Фенербахче, но со најдобар кош-разлика во овој круг.
РЕЗУЛТАТИ:
Монако – Виртус 101-85
Анадолу Ефес – Олимпијакос 91-89
Црвена Звезда – Барселона 94-98
Асвел – Басконија 76-69


