Џастин Робинсон беше најзаслужен за големата победа на Барселона над Панатинаикос (76-74), откако со извонредна последна четвртина го предводеше каталонскиот тим до пресврт во Атина.
Американскиот кошаркар постигна 24 поени, од кои 16 во завршниот период, а ги реализираше и последните 13 поени на својот тим, вклучувајќи ја и тројката за победа на 4,4 секунди пред крајот.
По натпреварот, Робинсон зборуваше за својата сигурност во решавачките моменти и за одговорноста што ја презема кога натпреварот се крши.
„Се чувствувам одлично. Ова е она што го работам. Тоа веќе дојде до израз и на почетокот од сезоната, па ќе продолжам да верувам во себе и да играм на истиот начин. Како што ми кажа и тренерот, ова е Барселона и токму поради вакви моменти дојдов тука. Затоа ќе продолжам да ја преземам одговорноста кога ќе биде потребно“, порача американскиот бек.
Тој упати и порака до соиграчите кои не можеа да му помогнат на тимот на теренот поради повреди.
„Голем поздрав до Кевин Пантер и Тосан Евуомван, кои беа дома. Им посакувам брзо закрепнување. Ние ќе продолжиме да го носиме товарот додека ги нема. Добро знаеме колку е силна оваа лига и какви предизвици носи. Имаме одличен тим. Како што кажав уште на почетокот на сезоната, во составот има 11 нови играчи, но веруваме дека сме една од најдобрите екипи. Ќе продолжиме да го докажуваме тоа“, истакна Робинсон.
Американецот нагласи дека победата добива дополнителна тежина поради атмосферата во Атина и квалитетот на противникот.
„Да победиш во ваква атмосфера, на теренот на екипата која е на врвот, кажува многу за тоа каков тим сме. Токму тоа е нашиот идентитет“, додаде кошаркарот на Барселона.
Најинтересниот дел од неговото обраќање се однесуваше на последниот шут, со кој го реши натпреварот. Запрашан што му минувало низ главата пред да ја погоди решавачката тројка, Робинсон одговори со самодоверба:
„Едноставно, за вакви моменти сум создаден. За мене сè како да се забавува. Ги слушаш навивачите како викаат и свиркаат против тебе, а потоа доаѓа моментот кога треба да ги замолчиш и да направиш целата сала да замолчи.“
По 11 кола, Барселона и Панатинаикос се израмнети со биланс 8/3, колку што имаат и Валенсија и Панатинаикос, сите четири на делба на првото место.


