Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс продолжуваат со одличните настапи во НБА-лигата, откако убедливо го совладаа Њу Орлеанс Пеликанс со 138-87, односно со неверојатни 51 поен разлика.
Екипата од Сан Франциско одигра уште еден доминантен натпревар и ја забележа осмата последователна победа, потврдувајќи ја одличната форма по лошиот почеток на сезоната.
Прво име на натпреварот беше Стеф Кари, кој постигна 25 поени иако на паркетот помина само околу 20 минути. Тој погоди четири тројки од десет обиди и оствари значаен индивидуален успех, искачувајќи се на 16. место на вечната листа на најдобри стрелци во НБА-лигата, со вкупно 26.803 поени.
Истиот број поени го постигна и Брендин Подзиемски, додека Јаксел Лендеборг го заврши натпреварот со 23 поени, седум скока и четири асистенции.
Батлер во улога на тренер ги насмеа сите
Посебно внимание привлече Џими Батлер, кој поради повреда не можеше да им помогне на соиграчите на теренот, но сепак најде начин да биде во центарот на вниманието.
Батлер се појави покрај клупата облечен како член на стручниот штаб, со тренерска табла во рацете и интересна порака: „Додај му на Стеф“.
Неговиот потег предизвика смеа, а атмосферата во таборот на Голден стејт дополнително се разубави со шегите на соиграчите.
Пеликанс немаа одговор за расположениот домаќин
Гостите од Њу Орлеанс немаа решение за разиграните Вориорс. Домашниот тим уште во првата четвртина создаде предност од 35-20, а на паузата замина со убедливи 72-43.
Доминацијата продолжи и во третата четвртина, по што последниот период беше само формалност.
Во редовите на Пеликанс најефикасен беше Дерик Квин со 16 поени, додека Дежонте Мареј постигна 12.
Со оваа победа, Голден стејт ја продолжи серијата на осум последователни триумфи и испрати сериозна порака до конкуренцијата дека ќе биде еден од тимовите за респект во продолжението од сезоната. Од друга страна, Њу Орлеанс го запиша третиот последователен пораз.
РЕЗУЛТАТИ
Атланта – ЛА Лејкерс 114-124
Шарлот – Кливленд 124-112
Детроит – Вашингтон 122-111
Торонто – Мемфис 102-118
Далас – Индијана 125-122
Хјустон – Денвер 110-100
Феникс – Сан Антонио 96-122
Голден Стејт – Њу Орлеанс 138-87


