Некогашниот прв пик на драфтот Зајон Вилијамсон требаше да биде спасител на Њу Орлеанс Пеликанс и замена за Ентони Дејвис кој се пресели во Лејкерс.
Пет години подоцна, од тоа нема ништо, а причина се честите повреди на крилниот центар поради кои пропушташе и цели сезони. За повеќе од пет сезони откако беше избран на драфтот, Вилијамсон има одиграно само 184 натпревари во основниот дел на НБА и едвај еден во плејинот. За плејофот се уште не станува збор.
И покрај ваквите бројки, 24-годишниот кошаркар се уште е интересен за останатите франшизи кои се надеваат дека тој ќе успее да стави крај на проблемите со повреди и неговата кариера ќе тргне по нагорна линија. Минатата недела Лејкерс објавија дека подготвуваат понуда за трејд, но многу поконкретни се од Голден Стејт Вориорс од каде планираат да ги понудат Вигинс и Куминга во замена за Вилијамсон.
„Трејд на Зајон ќе биде многу голем потег од Вориорс, но и мошне ризичен. Убиствен шутер како Кари во комбинација со експлозивен играч како Вилијамсон може да биде исклучително силно оружје, но и многу ризично. Историјата со повреди на Зајон не е шега, а откажувањето од играчи како Вигинс и Куминга, плус пикови на драфтот, ќе биде важна одлука за франшизата“, велат американските кошаркарски аналитичари.
Да биде уште поинтересно, овие подготовки за трејд се прават во период кога Вилијамсон повторно е повреден и отсутен на неодредено време. Неговиот Њу Орлеанс е еден од најслабите тимови во лигата и во моментов на претпоследното место на табелата во Западната конференција, а не е исклучен ниту трејд на најдобриот играч во моментов Брендон Инграм. За Зајон не се заинтересирани само Лејкерс и Голден Стејт, туку уште најмалку пет екипи во лигата.


