Притисокот што пред два дена го направи Кошаркарскиот клуб Босна врз сите институции во земјата, очигледно вроди со плод бидејќи од категоричен став дека нема да игра во АБА лигата, за помалку од 48 часа дојде до ситуација да го потврди своето учество во регионалното натпреварување.
На специјална прес-конференција денеска, на која присуствуваа премиерот на БиХ, Нермин Никшиќ и министерот за култура и спорт на Кантонот Сараево, Кенан Магода објавено е дека сите пречки се надминати и по 15 години пауза, Босна, сепак, се враќа во АБА лигата. Единствената промена е во тоа што екипата како домаќин нема да игра во Скендерија, туку во Зетра.
„Круна на вложувањата во претходните две години беше освојувањето на АБА 2 лигата и пласман во елитата. Денеска во зградата на Владата на БиХ, на инсистирање на премиерот Никшиќ имавме успешен состанок и ги елиминиравме сите недоумици. Проблем беше салата каде ќе се игра, владата на Кантонот Сараево издвои историски избор, а трендот ќе продолжи преку компаниите кои се во негова сопственост. Босна сигурно ќе биде сериозен играч во регионалната кошарка, заедно ќе славиме и тагуваме“, порача Магода.
Босна ќе добие донации во висина од околу 1,3 милиони евра што значи дека ќе има респектабилен буџет за регионални рамки.


