Тиквеш се враќа од Струмица со важни бодови, откако во дуелот од шестото коло на Суперлигата славеше со 75-70 против Струмица.
Кавадарчани мораа да бркаат негатива во поголемиот дел од средбата, но со одлична игра во финалната фаза од мечот, успеаа целосно да го свртат текот на натпреварот и да ја запишат третата победа сезонава.
Домаќините подобро ја отворија средбата и уште во првата четвртина направија предност од пет поени (21-16). Струмичани го задржаа контролата и во продолжението, па на одмор заминаа со резултат 39-34, најавувајќи дека се решени бодовите да останат кај нив. Сепак, по враќањето на теренот се промени сликата. Тиквеш постепено ја топеше разликата, а по тројката на Кечовски во 26. минута за првпат се најде во водство (48-47). Гостите ја добија третата четвртина и пред последните десет минути имаа предност од 58-54.
Струмица не се предаде и брзо стигна до израмнување (58-58), но кавадарчани имаа подготвен одговор. Делев погоди важна тројка, а потоа Сукс и Смит се погрижија разликата да порасне на 66-61.
Домашниот состав повторно се доближи, па по поените на Крафорд стигна до само три негатива (67-70). Но, кога се решаваше победникот, Делев повторно ја презеде одговорноста и со нов погодок за три поени донесе 73-67, на само 73 секунди до крајот. Тоа се покажа како удар кој Струмица не успеа да го врати.
Во победничкиот состав дури четворица стартери имаа двоцифрен учинок. Смит и Сукс постигнаа по 18 поени, при што Сукс додаде и 14 скока. Волф средбата ја заврши со 13 поени, додека Глигоријевиќ забележа дабл-дабл со 11 поени и исто толку скокови. Кај Струмица, која настапи без Џејкобс, најдобар беше Херси со 19 поени и 16 скока. Крафорд постигна 14, а Димитар Пандев придонесе со 13 поени и осум скока.
Со оваа победа, Тиквеш стигна до биланс 3/3 и до третото место на табелата, пред Кожув кој има идентичен ефект.


