АБА-лигата денеска одбележува голем јубилеј – 25 години од основањето. Прославата ќе се одржи во Љубљана, во салата „Тиволи“, токму на местото каде што во 2001 година бил одигран првиот натпревар во историјата на регионалното натпреварување.
Централниот настан ќе биде свечената гала-вечера, на која ќе бидат доделени признанија на најзаслужните поединци, клубови, партнери и спонзори кои оставиле трага во првите 25 години од постоењето на лигата.
Посебно внимание ќе привлече и прогласувањето на 25-те најдобри играчи во историјата на АБА-лигата. Во изборот учествуваа тренери кои ја освојувале наградата за најдобар тренер, поранешни МВП-играчи, новинари и навивачи.
АБА-лигата е основана во 2001 година со идеја повторно да ги поврзе најдобрите кошаркарски клубови од регионот. Во текот на овој четврт век, натпреварувањето претрпе бројни организациски и структурни промени, а со текот на времето го прошири и географскиот опфат.
Од лигата произлегоа голем број кошаркарски ѕвезди кои подоцна направија големи кариери во Европа и НБА: Никола Јокиќ, Горан Драгиќ, Богдан и Бојан Богдановиќ, Никола Пековиќ, Милош Теодосиќ, Јусуф Нуркиќ, Дарио Шариќ и многу други. На денешната свеченост се поканети и македонските кошаркарски легенди кои исто така оставија своја трага во АБА лигата: Владо Илиевски, Тодор Гечевески, браќата Војдан и Дамјан Стојановски, Ѓорѓи Чековски и Перо Антиќ, но засега е неизвесно дали некој од нив или сите ќе присуствуваат.
Во историјата на натпреварувањето досега титулата ја освојувале 10 различни клубови. Најуспешен е Партизан со осум шампионски трофеи, додека Црвена звезда, Будуќност, Цибона, Олимпија, Задар и останатите шампиони исто така оставија свој печат.
Покрај свеченоста, во Љубљана ќе се одржи и деловен форум посветен на иднината на АБА-лигата и европската кошарка. На него ќе се разговара за развојот на натпреварувањето и за начините како да се создаде уште поквалитетен и поатрактивен спортски производ.
По 25 години, АБА-лигата има зад себе богата историја, бројни шампиони, големи играчи и незаборавни натпревари. Вечерашната прослава во „Тиволи“ ќе биде потсетување на сето она што е создадено во изминатиот четврт век, но и поглед кон иднината и следните 25 години од регионалната кошарка.


