Второ дерби на стартот од сезоната и втора победа на Голден Стејт кој уште сега се промовира во кандидат за највисок пласман во НБА.
Откако на отворањето го победија Лос Анџелес Лејкерс како гости, Вориорс утринава славеа на домашен терен против Денвер Нагетс со 137-131 по продолжение. На гостите од Колорадо не им беше доволен ни рекордот на Ерон Гордон, ни трипл дабл ефектот на Никола Јокиќ за победа во својот прв натпревар во сезоната.
Натпреварот имаше спектакуларен крај на регуларнioт тек. Гордон погоди тројка за водство на Денвер на 25,7 секунди до крајот, а Кари одговори со шут од далечина за израмнување на само 4,3 секунди до крајот (120-120). Никола Јокиќ имаше шанса за победа, но неговиот шут не беше прецизен и натпреварот отиде во продолжение.
Во дополнителните пет минути, Вориорс ја презедоа контролата. Направија одлучувачка серија од 12-2 и со тоа ја обезбедија својата втора победа во сезоната, оставајќи ги Нагетс без одговор. Кари постигна вкупно 22 поени во четвртата четвртина и продолжението.
Ерон Гордон го одигра натпреварот на својот живот. Со 50 поени (17/21 шут) го собори рекордот на франшизата што го држеше Алекс Инглиш кога станува збор за прв натпревар од сезоната, поставен во 1985 година, исто така против Голден Стејт. Покрај тоа, неговите 10 тројки го израмнија рекордот на Тери Розие од 2020 година за најмногу тројки во прв натпревар од сезоната. Гордон веќе во првото полувреме имаше седум тројки од исто толку обиди. Тој е само шести кошаркар во историјата на НБА кој ја почнал сезоната со 50 поени на првиот натпревар, по Мајкл Џордан (два пати), Кајри Ирвинг, Ентони Дејвис, Елџин Бејлор и Вилт Чембрлен.
Никола Јокиќ го заврши натпреварот со 21 поен, 13 скока и 10 асистенции. Тој му се придружи на легендарниот Оскар Робертсон како единствени играчи во историјата на НБА со четири трипл-дабл во првите натпревари од сезоната. Сепак, не може да се каже дека тој беше на своето ниво бидејќи шутираше само 2/13 за тројка и 8/23 вкупно. На спротивната страна блескаше фантастичниот Кари кој го заврши натпреварот со 42 поена.
Во вториот натпревар од ноќешната програма, меѓу Индијана и Оклахома се играа две продолженија, а славеше шампионот со 141-135.


