Покрај кошаркарските случувања на натпреварот меѓу Будуќност и германски Кемниц во Еврокупот, една сцена од трибините привлече посебно внимание.
Германскиот тим во салата „Морача“ имаше поддршка само од еден навивач, кој во текот на целиот натпревар неуморно го бодреше својот клуб и покрај тоа што беше далеку од домашната публика.
Иако Кемниц на крајот мораше да го прифати поразот од Будуќност, гостинските кошаркари не заборавија на човекот кој сам ја бранеше честа на нивниот клуб на трибините.
По завршувањето на средбата, разочарани од резултатот, германските кошаркари сепак се упатија кон местото каде што седеше нивниот единствен навивач. Му аплаудираа и лично му се заблагодарија за поддршката што им ја даваше до последната минута.
Сцената беше вистински пример за поврзаноста меѓу клубот и неговите навивачи, покажувајќи дека понекогаш и еден човек на трибините може да значи многу повеќе од бројките.
Веќе шеста сезона, дел од Кемниц е македонскиот стручњак Ѓорѓи Кочов кој во моментов е асистент на главниот тренер.


