Екипата на Гостивар ја задржа осмата позиција на табелата во Првата лига и е на чекор од пласман во плејофот откако попладнево славеше во директниот дуел со Академија ФМП.
Гостиварци триумфираа во Кисела Вода со 102-82 со што се одмаздија за поразот на домашен терен од истиот противник. Тоа е втора победа по ред и втора „стотка“ по ред за овој тим и одлична најава за клучниот дуел против Кожув, идниот викенд на домашен терен.
Денешната победа беше остварена благодарение на одличната трета четвртина која гостите ја добија со 35-11 откако првото полувреме им припадна со само два поена разлика (46-44). По серијата од 12-0, Гостивар отиде на 81-55 кои во натамошниот дел од натпреварот се покажаа недостижни за Академија ФМП.
Дури 94 од вкупно 102 поена на Гостивар постигнаа играчите од стартната петорка, Инграм беше најефикасен со 28, Вилијамс додаде 26, а Остен оствари дабл дабл со 13 поени и 13 скока. Кај Академија ФМП, Робертс постигна 22 поена, но со очаен шут од игра (9/26). Ако Кожув денеска загуби од Работнички, Гостивар ќе биде во исклучително поволна позиција, но секако ќе треба да ги победи гевгеличани во следното коло за да го освои осмото место.


