На исклучително моќен начин, Гостивар го освои осмото место на табелата во Првата лига и со тоа обезбеди пласман во плејофот од елитната конкуренција.
Во директниот дуел со Кожув, гостиварци славеа со 104-73 и го испратија својот противник во доигрувањето за опстанок. Со тоа Гостивар си ја спаси сезоната бидејќи нема повеќе опасност евентуално да испадне од Првата лига.
Многу работи околу победникот вечерва беа познати по силниот старт на мечот и високата разлика по првата четвртина. По нешто повеќе од три минути игра, првпат имаше двоцифрена предност (14-3), а во осмата минута беше 26-8. Својот најдобар период на натпреварот, Кожув го имаше кон средината на вториот квартал кога се доближи на 30-35, но тоа беше со краток здив бидејќи до полувремето Гостивар отиде на +15 (51-36). Заклучно со стартот на третиот период, серијата изнесуваше 16-0 за водство од 58-36 по што беа решени сите дилеми околу победникот.
Тројца кошаркари на Гостивар остварија дабл дабл на овој меч: Вилијамс постигна 25 поени и 10 скока (плус 8 асистенции), Инграм имаше 24 поени и 15 скока, а Стојаноски 10 поени и 13 скока. Милер беше прв стрелец на Кожув со 25 поени.


