Поранешниот шампион на Македонија, Работнички нема повеќе никакви заостанати долгови кон своите поранешни кошаркари и може да се насочи кон предизвиците кои ги носи новата сезона.
Од пред два месеца, клубот имаше дури осум казни од Арбитражниот трибунал на ФИБА, поради кои не можеше да ги регистрира новите играчи од странство, но сето тоа е веќе минато. Работнички е чист и претстојната сезона ќе се обиде да го врати приматот во домашната кошарка.
„На интернет страницата на ФИБА уште стои податокот дека имаме долгови кон петмина кошаркари, но реалноста е дека сето тоа е веќе исплатено, а администрацијата на ФИБА само треба да ги корегира информациите. Ја користам можноста да се заблагодарам на Советот на Општина Центар и на сите советнички групи, без исклучок, кои гласаа за ребаланс на буџетот и ни овозможија финансиски средства со кои ги исплативме сите долгови. Без нивната помош, ништо од ова немаше да биде возможно“, изјави за КОШ.МК, новиот извршен директор на Работнички, Бранко Радевски.
Клубот од Градски парк значително го засили тимот во текот на летото и со високи амбиции ја дочекува новата сезона. Костурот од минатата кампања е задржан, а дојдоа уште четворица нови кошаркари со кои тимот предводен од Владимир Мирковски ќе се обиде да дојде до првата шампионска титула по пауза од девет години.


