Работнички останува максимален во Суперлигата! Поранешниот шампион ја запиша и шестата победа во исто толку кола, откако по голема борба го совлада Кожув со 83-80 со што ја задржаа максималната серија во Градски парк по враќањето во својот дом.
Гевгеличани покажаа дека не случајно се меѓу конкурентните екипи во првенството и до самиот финиш му создаваа сериозни проблеми на лидерот. Сепак, во клучните моменти домаќините беа посконцентрирани и успеаја да го одбранат домашниот терен.
Почетокот најави изедначен дуел. Работнички ја доби првата четвртина со 28-25, но Кожув не дозволи противникот да се одлепи. Напротив, гостите постепено ја топеа разликата, па на големиот одмор скопскиот тим имаше само минимална предност од 44-43.
Во продолжението Кожув дури успеа да го преземе контролата врз резултатот. По тројката на Бурис, гостите поведоа со 57-50 и се најави можност за изненадување. Работнички, сепак, експресно возврати со серија од седум поени и се врати во игра. Тројката на Робев во завршницата од периодот донесе ново израмнување, па по 30 минути резултатот гласеше 62-62, со тоа што Кожув влезе во последната четвртина со предност од 64-62.
Драмата продолжи и во последните десет минути. Работнички во еден момент се одлепи на 73-68, но Кожув повторно најде начин да се врати и на четири минути пред крајот израмни на 75-75. Следуваше вистинска резултатска неизвесност, во која Армстронг со поени за 78-78 го одржа гостинскиот состав во игра.
Одлуката падна во последните 30-тина секунди. По загубената топка на Кожув, Робев ја искористи можноста и погоди за 80-78 на 32 секунди до крајот. Бојчев потоа не успеа да реализира обид за три поени, а Говенс од линијата за слободни фрлања ја завери победата на Работнички.
Најзаслужен за триумфот беше Рикиќ, кој одигра одличен натпревар со 27 поени, седум скока и три асистенции. Ефремовски запиша 13 поени, седум скока и четири асистенции, додека Робев и Говенс завршија со по десет поени. Армстронг го предводеше Кожув со 20 поени.


