Турската репрезентација е втор финалист на Европското првенство и в недела ќе се обиде да стигне до првата континентална титула во својата историја.
Избраниците на Ергин Атамман буквално ја демолираа Грција со 94-68, колку да потврдат дека досегашните резултати на првенството не се случајни. Иако се очекуваше жестока борба за секоја топка, победникот во ниеден момент не беше доведен во прашање. Грција не само што не се закани, туку воопшто не се најде во водство на овој натпревар.
Турција почна со 7-0, потоа беше 12-3, а пред крајот на првата четвртина првпат поведе со двоцифрена предност (22-12). Четата на Ергин Атаман имаше неочекуван херој во Ерџан Османи кој во воведните десет минути постигна 14 поени, вклучувајќи четири тројки. Во вториот период предноста на турската селекција се искачи и на 20 разлика и до крајот немаше апсолутно никаква неизвесност.
Ерсан Османи го одигра натпреварот на кариерата, постигна 28 поени со шест тројки од осум шута, Џеди Осман додаде 17 поени, а Шенѓун беше блиску до трипл дабл со 15 поени, 12 скока и 6 асистенции. Јанис Адетокумпо беше одлично чуван, постигна само 12 поени за 30 минути во игра, плус 12 скока и 5 асистенции, а најефикасен кај Грците беше Слукас со 15 поени.
Во големото финале Турција ќе се сретне со светскиот првак Германија, додека Грција против Финска ќе се обиде да стигне до третото место и првиот медал по пауза од 16 години.


