Напорната и долга сезона за Лука Дончиќ заврши денеска со дебакл во полуфиналето од олимписките квалификации во Пиреја.
Грција, предводена од Јанис Адетокунбо буквално ја разнесе Словенија со 96-68 и обезбеди пласман во финалето од турнирот. Европскиот првак од 2017 година во ниеден момент немаше никакви шанси да дојде до триумф и уште од првата четвртина, единствената дилема беше со кој резултат ќе заврши натпреварот.
Грците отворија со 9-0, подоцна водеа со 15-2, а на крајот на воведниот квартал имаа 32-14. На средина од втората четвртина беше 42-19, а најмногу што успеа да се доближи Словенија беше 33-47 на крајот од полувремето. Третиот период помина во релативно израмнета игра, но во последните десет минути Грција повторно нагази и дојде до убедлива победа. На нешто повеќе од четири минути пред крајот Дончиќ беше повлечен од игра и повеќе не се врати на теренот.
И покрај тоа што во своите редови го имаше фантастичниот Јанис Адетокунбо, до израз дојде тимската игра на грчката репрезентација. Селекторот Спанулис им даде минутажа на сите кошаркари што ги имаше на располагање, а само Мораитис не се запиша во листата на стрелците. Најефикасен беше Вокап со 18 поени, Толиопулос додаде 17, а Адетокунбо 13. Кај Словенците, најефикасен беше Дончиќ со 21 поени, но загуби 10 топки и оствари индекс од само 13.
Во финалето од олимпискиот квалификациски турнир во Пиреја, Грција ќе се сретне со подобриот од мечот меѓу Хрватска и Доминиканска Република кои се среќаваат вечерва.


