Поразот од Раховеци на домашен терен (95-106) предизвика вистински потрес во редовите на Пеја, која во еден ден се раздели со двајца кошаркари и тренерот Михалис Какиузис, а веднаш потоа именуваше нов шеф на стручниот штаб.
Клубот од Пеќ донесе серија драстични одлуки по неуспехот против тимот предводен од македонскиот тренер Горан Самарџиев. Прво беше објавена разделбата со кошаркарите Тревор Мур и Роберт Смит, а потоа и прекинот на соработката со грчката кошаркарска легенда Михалис Какиузис.
Разделбата со Какиузис е договорена спогодбено, но јасно е дека поразот од Раховеци бил повод за сериозни промени во тимот. Какиузис е грчка кошаркарска легенда, неговата играчка кариера траеше безмалку 2,5 децении, играше за клубови како Сиена, Барселона, и Ефес Пилсен, а долго време беше и стандарден член на грчката репрезентација со која во 2005 година освои титула на Европското првенство во Србија и Црна Гора. Сепак, тренерската кариера не му е толку блескава, почна во Кипар, работеше во Романија, лани седеше на клупата на Приштина, а претходното лето го презеде тимот на Пеја. Екипата од Пеќ добро ја почна сезоната, со две победи, но потоа нанижа три порази и епилогот од тоа беше прекин на соработката.
Изборот за негов наследник падна на Бошко Радовиќ, поранешен селектор на Црна Гора, кој шест години ја предводеше националната селекција и зад себе има значајно меѓународно искуство. Под негово водство, Црногорците го освоија 11. место на Светското првенство во 2023 година, додека на Евробаскетот во 2022 година стигнаа до осминафиналето, меѓу 16-те најдобри репрезентации во Европа.
Радовиќ има искуство и од натпревари против најсилните европски селекции, а победите над Франција, Грција, Литванија и Словенија се дел од неговата селекторска биографија.
Интересно е тоа што победата на Раховеци над Пеја беше прва оваа сезона за тимот предводен од Горан Самарџиев и веднаш предизвика земјотрес во редовите на противникот.


