По двегодишна доминација на Олимпијакос, Панатинаикос повторно е шампион на Грција откако во финалната серија го совлада својот најголем ривал со 3-2.
Во денешната „мајсторка“ во ОАКА, „детелинките“ славеа со 87-82 за својата јубилејна 40. шампионска титула во историјата. Олимпијакос остана на 14, а зад него се Арис со 10, АЕК со 8, Панелиниос со 6, Ираклис и ПАОК со по 2 и Ниар Ист и Атина Универзитет со по 1. За тоа колку израмнето беше финалето, најдобро зборува податокот што петте натпревари завршија со разлика меѓу 3 и 7 поени. Панатинаикос ја освои титулата и покрај тоа што по првите два натпревара од серијата губеше со 0-2.
Убедливо најзаслужен за денешната победа беше Костас Слукас кој натпреварот го заврши со 29 поени од кои 25 во првото полувреме и тоа со само едно промашување (5/5 за два, 4/5 за три, 3/3 од линијата за слободни фрлања). На крајот, грчкиот репрезентативец беше прогласен и за МВП на финалната серија.
Олимпијакос ја пропушти својата шанса во последната минута. При водство на ПАО од 81-80, Нан промаши шут за тројка, но во следниот напад, на 12 секунди пред крајот непрецизен беше и Вилијамс Гос кој можеше да го донесе својот тим во водство. Во пенал-завршницата, кошаркарите на Панатинаикос беа непогрешливи и дојдоа до победата, а со тоа и до титулата.
На тој начин, на трофејот од Евролигата, ПАО го додаде и оној од грчкото првенство што му се случува првпат по 2011 година.


