Пред неколку недели беше објавено дека НБА, Евролига и ФИБА планираат да ја реформираат европската кошарка со заеднички сили, а телевизијата Блумберг тврди дека во подготовка е уште еден проект, но на светско ниво.
Наводно, група инвеститори планира да формира кошаркарска лига која на почетокот ќе има капитал од 5 милијарди долари, а ќе се игра во осум различни држави. Првичната идеја делува малку смешно бидејќи планот е лигата да функционира како Формула 1. Ќе бидат формирани по шест екипи во машка и женска конкуренција и тие ќе патуваат во осумте држави каде ќе останат по две недели и во тој период ќе играат официјални натпревари. Со оглед на капиталот, се очекува голем број професионални, веројатно и НБА кошаркари да се преселат во новоформираната лига бидејќи е јасно дека ќе имаат понуди за баснословни плати, а тоа ќе ги ослаби најсилните кошаркарски шампионати во светот.
Во моментов само Сингапур е потврден како една од осумте држави каде ќе се играат натпреварите, а идејата на инвеститорите е да се освои азискиот пазар, пред се Кина каде што НБА има голем пад последните години. Интересно е тоа што ниедна европска држава не е спомната досега.
Се уште не е објавено кој стои зад овој проект, но се претпоставува дека во игра се ко-основачот на Скајп, Џеф Прентис, поранешниот извршен директор на Фејсбук, Грејди Барнет, како и бизнис-партнерот на Леброн Џејмс, Маверик Картер, но како советник. Самиот Леброн засега не е спомнат како можен инвеститор.


