Претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Босна и Херцеговина,, Аид Бербиќ денеска официјално потврди дека младинските репрезентации на оваа земја претстојното лето нема да настапат на европските првенства, односно дека нивните учества се откажуваат.
Одлуката е донесена поради тешката финансиска ситуација во Сојузот која оневозможува обезбедување средства за учество на младинските селекции на меѓународните натпреварувања.
„Ние донесовме одлука, машките и женските У16 и У18 репрезентации оваа година да не учествуваат на европските првенства. Минатата година ниедна од тие селекции не направи чекор напред. Оваа одлука ја донесовме од две причини. За разлика од лани, оваа година немаше собир на младинските селекции, ниту успеавме да организираме лига на БиХ. Имаше некој интерес, а потоа се се сведе на 4-5 клуба. За учество на четирите наши репрезентации на европските првенства ни се потребни околу 200 илјади евра, а ние уште од државата не сме добиле ни цент. Од лани имаме долгови во висина од околу 100 илјади евра кои се надевам дека ќе ги анулираме до крајот на оваа година“, изјави Бербиќ.
Кадетската репрезентација на БиХ требаше да настапи на Европското првенство Б-дивизија во Скопје, од 7 до 16 август и да биде во групата со Македонија. Откажувањето значи дека групата ќе остане со пет селекции: Македонија, Словачка, Полска, Ирска и Кипар. На шампионатот сега место 22, ќе учествува 21 репрезентација.


