Неверојатен инцидент го одбележа гостувањето на азербејџанскиот Ганџа кај турскиот Ерокспор во ФИБА Европа купот.
Само една ноќ пред натпреварот, според тврдењата на тренерот на Ганџа, Мартин Кнежевиќ, петмина негови кошаркари биле повредени откако лифт во хотелот во кој престојувал тимот паднал три ката.
И покрај инцидентот, Ганџа морал да го одигра натпреварот, во кој убедливо загуби со 63-92. Кнежевиќ по мечот жестоко ја нападна ФИБА, но и домаќинот, тврдејќи дека неговиот тим не бил во состојба нормално да се подготви за натпреварот.
„Не сум изненаден од конечниот резултат против Ерокспор, имајќи предвид дека петмина наши играчи беа повредени при падот на лифтот во хотелот минатата ноќ – истиот евтин хотел кој Ерокспор ни го обезбеди. Моите момци паднаа три ката и имаа среќа што не се здобија со повреди кои можеле да им ги променат животите“, изјави Кнежевиќ.
Тој откри дека, и покрај проблемите, неговите кошаркари се обиделе да останат во натпреварот.
„И покрај тоа, успеавме да ја намалиме разликата на 10 поени на крајот од третата четвртина. И, да, благодарам до ФИБА што го игнорираше нашето барање за одложување на натпреварот поради тоа што ни недостасуваа повеќе играчи. Најдобри сте“, додаде тренерот во своето писание на социјалните мрежи
Според статистиката од натпреварот, Ганџа имал 12 пријавени кошаркари, од кои 10 добиле минутажа.
Турците со поинаква верзија
Сепак, турските медиуми објавија поинаква верзија на случувањата и ги доведоа во прашање дел од тврдењата на тренерот на Ганџа.
Според турскиот портал „Basketfaul“, хотелот во кој бил сместен азербејџанскиот тим не бил обезбеден од Ерокспор, туку самиот Ганџа го резервирал сместувањето. Истиот извор тврди дека петтемина кошаркари за кои Кнежевиќ навел дека биле повредени сепак настапиле на натпреварот.
Турскиот портал наведува и дека во лифтот влегле шест лица, иако неговиот капацитет, според нивните информации, бил четири лица. Оттаму тврдат дека токму преоптоварувањето било причина за проблемот со лифтот. Турската страна дополнително наведува дека немало официјални медицински извештаи кои би потврдиле сериозни повреди и дека затоа не постоела основа натпреварот да биде одложен.


