До крајот на сезоната, дресот на Партизан нема да го облечат Џабари Паркер и Мика Муринен за кои тренерот Жоан Пењароја објави дека не смета на нивните услуги.
Паркер дојде како најскап играч во историјата на клубот, со годишна плата од 2,5 милиони евра, но не успеа да ја најде својата форма, а во исто време со своето однесување го навлече гневот и на навивачите и на Жељко Обрадовиќ и сега на Пењароја. Од друга страна, Муринен беше ангажиран како ѕвезда во подем по одличниот настап на Европското првенство, ама се покажа дека тоа бил само моментален блесок.
„Џабари е квалитетен играч, особено во нападот. Од некои причини, од доаѓањето во Партизан не успеа да го покаже својот офанзивен талент. Не сум задоволен од неговата работа, сега тренира индивидуално, но не прави проблеми што се однесува до дисциплината.
Муринен има потенцијал да биде врвен играч, но тоа не е доволно. Мислам дека тој е момче кој пред се размислува како да се врати во САД, а тоа во моментов не е добро за екипата. Постои дел од кошарката кој Мика во овој момент не го разбира“, објасни Пењароја кој со Паркер работеше и лани во Барселона.
Освен Паркер и Муринен, Партизан до крајот на сезоната ќе го нема ни капитенот Вања Маринковиќ кој се повреди на мечот против Хапоел Тел Авив, потоа имаше операција и беше објавено дека ќе мора да паузира меѓу шест и девет месеци.


